Челзи вечерва почнува со обврските во Премиер лигата на гости кај Брајтон, меч во кој дел од скапите засилувања ќе дебитираат во синиот дрес. Во пресрет на средбата, Френк Лампард мораше да му одговори на Јирген Клоп, кој истакна дека англиските ривали се расфрлаат со пари бидејќи имаат богати сопственици, па Лампард го потсети дека и Ливерпул имаше огромни вложувања пред да го оствари успехот во ПЛ и ЛШ.
Челзи во претходните два трансфер-прозорци имаше забрана, па затоа ова лето се пушти во шопинг и досега потроши 225 милиони евра за пет нови имиња.
„Можам да кажам дека тоа што го слушнав ми беше интересно. Мислам дека не е важно кои се сопствениците на клубовите бидејќи секако се богати луѓе и сите вложуваат. Ливерпул прави прекрасна приказна од моментот кога дојде Клоп и постепено трошеше за го направи тимот квалитетен. За играчите како што се Ван Дајк, Алисон, Салах, Фабињо се издвојуваа огромни суми во неколку преодни рокови. Разликата со нас е што имавме забрана за ангажмани, па можеме да си дозволиме за краток период да потрошиме толку многу за да бидеме конкурентни. Нема потреба да се занимаваме со математика. Ливерпул му верува на менаџерот и системот кој го спореведе, за таа приказна да биде долга и фанстастична исто така се трошеше многу. Ние го одврзавме ќесето ова лето, па сега нè чека напорна работа да ги оправдаме средствата“, посочи Лампард.
Ливерпул ова лето помина скромно со 13 милиони евра потрошени за бекот Цимикас, исто како и минатата сезона. Но, во сезоните претходно, Црвените потрошија вкупно 365 милиони евра, па оттаму Лампард не молчеше околу двојните стандарди кои ги истакна Клоп.