Клоп контра ривалите: Ливерпул не е како Сити, Челзи и Јунајтед

Новата сезона во Премиер лигата започнува в сабота, а Ливерпул за првпат по 30 години влегува како актуелен бранител на трофејот. Во првото коло, шампионот на свој терен ќе игра против повратникот во елитното друштво Лидс, во чии редови игра и македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски.

Во летниот преоден рок Ливерпул доведе само еден играч, и тоа левиот бек Констатинос Цимискас, за кого му беа платени 13 милиони евра на Олимпијакос. Во екипата се вратија и неколку играчи кои претходно беа дадени на позајмица и тоа е сè што направи гигантот од „Енфилд роуд“ за да го освежи составот.

Ливерпул сакаше да го доведе Тимо Вернер, но се откажа затоа што неговата сума беше 65 милиони евра. Во време на пандемија, од Ливерпул велат дека не се моќни да дадат толку пари. Вернер ќе игра во Англија, но во Челзи, кој без проблем летово потроши над 230 милиони евра за нови фудбалери. И Манчестер сити немаше проблем да потроши 78 милиони евра, а Манчестер јунајтед го купи Дони ван де Бек од Ајакс за 39 милиони евра.

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека неговиот клуб не е како Сити, Јунајтед и Челзи и дека не може да си дозволи да потроши толку пари за нови играчи во време на корона-вирусот.

„Иднината е неизвесна и ние не сакаме да се залетуваме. Некои други клубови се однесуваат како да нема криза, но тоа е нормално затоа што за газди имаа олигарси. Ние сме сосема поинаков клуб и не можеме како Манчестер сити, Јунајтед или Челзи да одлучиме да потрошиме толку многу пари. Тие постојано купуваат играчи. Тоа може да биде предност, но не може да очекуваш дека ќе доведеш 11 нови играчи и дека преку ноќ ќе создадеш моќен тим. Најважно од сè е работата, а тоа е нашата предност, затоа што ние на тренинзите работиме перфектно. Пред две години игравме во финалето на ЛШ, минатата сезона ја освоивме Лигата на шампионите, а сега станавме прваци на Англија и тоа е сè затоа што Ливерпул продолжи да е тоа што бил“, рече Клоп.

 

- Оглас -

Најнови вести