Барселона во изминативе неколку преодни периоди немаше многу опции да биде активна затоа што имаше финансиски проблеми, па беше ограничена околу тоа колку пари може да потроши.
Сепак, најавите се дека каталонскиот гигант веќе се подготвува да биде меѓу најактивните во летниот трансфер-период во 2026 година. Факт е дека Барселона ќе има потреба од доведување на класична „деветка“, односно играч во нападот кој ќе биде задолжен за постигнување голови.
Ова лето од класичните голгетери трансфери направија Виктор Ѓокереш, Александер Исак, Уго Екитике и уште многу други. Сепак, Барселона знаеше дека и за оваа сезона го има Роберт Левандовски, но веќе следното лето ќе мора да се бара наследник на Полјакот.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, веќе има миленик кој сака да го доведе на „Камп ноу“, а тоа е Хулијан Алварес. Аргентинецот и претходно се поврзуваше како можен нов играч на Барселона, но тој сега игра во Атлетико Мадрид. Алварес блесна на последниот меч, и тоа во градското дерби против Реал Мадрид, кога постигна два гола во убедливата победа од 5:2.
„Знам дека Хулијан е навивач на Барселона и дека порано или подоцна ќе дојде во нашиот тим“, вели Лапорта.
Атлетико Мадрид за Алварес плати 75 милиони евра, а трансферот може да достигне и до 90 милиони евра со сите бонуси. Сега цената на Алварес се проценува на 150 милиони евра, а неговиот договор со Атлетико е до 2030 година. Се најавува дека од Атлетико нема да го пуштат напаѓачот за сума помала од 200 милиони евра.
На Барселона ќе ѝ биде потребен нов напаѓач, а Каталонците засега не размислуваат ниту за Хари Кејн, ниту за Ерлинг Халанд, туку само Алварес е во фокусот.