Лапорта го пофали Левандовски: Самиот се понуди да му се намали платата

Барселона веќе подолг период е во финансиска криза, поради која има и големи проблеми околу доведувањето на одреден број фудбалери. Од шпанската лига на Барселона ѝ е наметнато дека може да троши толку колку што ќе заработи, односно може да регистрира одреден број фудбалери.

Токму поради тие финасиски проблеми, Дани Олмо, кој дојде од Лајпциг за сума од 55 милиони евра, ги пропушти првите две кола бидејќи не можеше да биде регистриран.

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, откри дека како помош за излез од финансиската криза се понудил да помогне и Роберт Левандовски. Искусниот голгетер рекол дека ќе се согласи да му се намали платата за да може клубот понормално да функционира.

„Морам да го споменам Левандовски. Покажа колку е верен на клубот. Кога слушна дека треба да вложиме дополнителен напор за да ги задоволиме правилата на финасискиот ферплеј и така да можеме да регистрираме играчи, тој предложи да добива помала плата и на тој начин да му помогне на клубот“, откри Лапорта.

Искусниот 36-годишен полски голгетер во Барселона заработува 33 милиони евра бруто-плата. Левандовски во дресот на Барселона одигра 99 меча, во кои постигна 63 погодоци, а има и 18 асистенции. Во новата сезона Левандовски постигна четири гола во исто толку мечеви, а Барселона има перфектен биланс од 12 бода.

- Оглас -

Најнови вести