Барселона веќе освои еден трофеј сезонава откако го одбрани тронот во Суперкупот на Шпанија. Каталонскиот гигант се пласира и во полуфиналето на Купот на Шпанија, што значи дека и таму е во игра да го одбрани трофејот, а е прв и во домашното првенство, каде што Реал Мадрид заостанува само еден бод.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, потврди дека ќе биде дел од следните клупски избори да остане на чело на клубот. Освен тоа, Лапорта коментираше и за мечот меѓу Реал Мадрид и Рајо Валјекано, на кој Кралевите победија со 2:1 со голот постигнат во 90+10 минута.
„Го гледав мечот на Реал против Рајо и не знам од каде се појавија тие 10 минути судиско продолжение. Имаше многу ситуации во кои играчите на Реал глумеа фаули во шеснаесетникот и за тоа не добиваа жолти картони. Има пенали кои воопшто не треба да бидат досудени. Играчот на Рајо не го шутна противникот кој падна на земја. Тоа беше претерување. Реал Мадрид има свој клупски телевизиски канал кој е посебно посветен на објаснување на судиски одлуки и постојано велат дека биле оштетени“, рече Лапорта.

