ЛАСК чекаше 19 години за европски настап, Бриж им е голема пречка за учество во ЛШ

ЛАСК Линц и Клуб Бриж имаат сосема спротивна европска приказна, а многу поуспешен е белгискиот гигант со две големи финалиња, едното во КЕШ, а второто во Купот на УЕФА.

ЛАСК ја има првата европска авантура по пауза од цели 19 години и засега е успешна и може да заврши со историски настап во Лигата на шампионите. За такво нешто му треба подвиг против стандардниот учесник во елитното европско клупско натпреварување, екипата на Бриж.

Белгијците се фаворити на двомечот, но во последната фаза веќе нема поправен испит, а евентуална елиминација ја носи утешната награда, учество во фаза по групи во Лигата на Европа.

Денеска двомечот ќе почне на „Линцер стадионот“ во Линц од 21 часот, а на реваншот во Белгија ќе падне одлуката која екипа ќе игра со кремот на европскиот фудбал.

Бриж атакува на осмото учество во фаза по групи во ЛШ и трето во последните четири години. Гостите немаат значајни проблеми со повреди, па Филип Клемент ќе има широк спектар за да одбере кои 11 играчи ќе бидат стартери. Отсутен ќе биде само исклучениот Јужноафриканец Перси Тау, кој доби црвен картон на реваншот во Киев против Динамо.

Кај ЛАСК, Валериан Исмаел не може да смета на повредениот Кристијан Рамсебнер, па ќе мора да бара поинакво решение за десната бековска позиција.

 

- Оглас -

Најнови вести