Лацио на пенали совлада еден, за да игра со друг милански клуб

Лацио ќе игра со Милан во полуфиналето на Италијанскиот куп и ќе има прилика да им се одмазди на „росонерите“ за ланскиот пораз во истата фаза. Лацио вечерва по подоброто изведување на пеналите, го елиминираше Интер откако по 90 минути игра немаше гол, а по 120 беше 1-1.

Чиро Имобиле со гол во 108-мата минута, откако одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник, му донесе водство на Лацио, а изедначи Мауро Икарди од пенал во 125-тата минута, откако во 122-рата минута Србинот Милинковиќ-Савиќ направи глупав прекршок за најстрога казна, што беше потврдено со технологијата ВАР.

Ова беше прв гол за Имобиле против Интер како играч на Лацио. Имобиле последен пат претходно има дадено гол против „нераѕурите“ како член на Џенова и Торино во октомври 2013 година.

Во пенал-рулетот клучна беше петтата серија, во која шутот на Најнголан го одбрани Стракоша, а Лукас Леива го совлада Хандановиќ за радост на „лацијалите“. Претходно, двата тима утнаа по еден пенал.

Во полуфиналето, Лацио ќе игра со Милан, додека другата двојка е Фиорентина – Аталанта. Може да се каже дека сите четири тима изненадија во четврт-финалето, со оглед на противниците кои ги имаа или теренот на којшто мораа да победат.

Лацио на 31-ви јануари во 2017 година, исто така во четврт-финалето на Купот, славеше на „Џузепе Меаца“ против Интер, но тогаш беше 2-1. Тоа се единствени радости на римските „орли“ против Интер на овој стадион во последните години.

Интер во пет од последните седум елиминациски мечеви во Купот на Италија играше продолженија.

- Оглас -

Најнови вести