Македонија Ѓорче Петров и Струга се првите полуфиналисти во Купот на Македонија, веројатно ќе им се приклучи и Шкендија, екипа која очекува службена победа по прекинатиот меч на Чаир со Шкупи, а драмата во Кратово меѓу Силекс и Вардар ќе се решава на пенали.
Денеска во Чаир имаше голем инцидент, каде што навивачите на Шкупи ги нападнаа фудбалерите на Шкендија само по 10 минути игра и откако Дашмир Елези со гол им донесе предност на тетовци.
Стрелецот малку и провоцираше, но потоа се случуваа невидени сцени. Имаше тепачка меѓу Шверцери и играчите на Шкендија, хаос на теренот, па полицијата едвај ги спаси гостите од линч.
Мечот и официјално беше прекинат и би требало да биде решен на зелена маса со службена победа на Шкендија.
Фудбалерите на актуелниот бранител на пехарот, Македонија Ѓорче Петров, на терен ја победија Академија Пандев со 1:0 и се пласираа во полуфиналето.
Таму веќе е и Струга по триумфот од 2:0 против Брегалница, а на старото добро дерби во Кратово, Силекс и Вардар одиграа без голови, па пеналите ќе одлучуваат која екипа ќе оди понатаму.