Денес ќе се комплетира 17-тото коло во ПМФЛ со преостанатите пет дуели кои почнуваат во 13 часот. Со посебно внимание ќе се проследи градското дерби меѓу Вардар и Македонија Ѓорче Петров, битка која ќе се одвива на арената „Тодор Проески“.
Актуелниот македонски првак посакува да ја прекине мини-серијата од три натпревари без победа и да се придвижи кон водечките екипи на табелата, а токму дуелот против Лавовите од Ѓорче Петров е доволна мотивација за составот на Васоски да обезбеди посакуван резултат и да го одбрани домашниот терен.
Македонија ЃП има подобар биланс од Вардар според последните пет меѓусебни дуели со 2-1 во победи, додека два меча завршија со поделба на бодовите. Токму една од победите на Лавовите е остварена на скопската Арена со 2-0.
Во пресрет на 17-тото коло Македонија ЃП се наоѓа на третото место на табелата со 32 бода, четири помалку од лидерот Шкендија, додека Вардар е осми со 21 бод.
Во истиот термин почнуваат уште четири натпревари, а еднакво интересен дуел треба да биде во Стумица, меѓу Академија Пандев и Шкендија. Останатите средби се Борец – Силекс, Пелистер – Беласица и Струга ТЛ – Работнички.