Лазаров: Алкалоид одбра да оди по вистинскиот, македонскиот пат

Од ракометниот клуб Алкалоид од Скопје на завршната прес-конференција по повод сезоната 2023/2024 истакнаа дека се горди на тоа што го прават.

Сениорскиот тим на Алкалоид сезонава го освои Купот на Македонија, а клубот е првак и во младинска, кадетска и пионерска конкуренција. Акцентот е ставен на младите, тие се базата и иднината на клубот и репрезентацијата.

„Апел и до другите клубови да инвестираат во младите категории, во нас да не гледаат конкуренти“, рече Кирил Лазаров, кој е тренер на првиот тим и координатор и на младинските категории.

„Клубот е формиран на 7 јули 2021, поминаа неполни три години, го одбравме потешкиот пат, но вистинскиот пат и не жалиме за тоа иако се соочуваме со многу препреки. Го одбравме македонскиот пат, инвестираме во млади македонски ракометари и работиме за клубот и за државата и македонскиот ракомет. Се надевам дека ќе продолжиме по овој правец иако нема да биде лесно. Нашите најголеми конкуренти во лигата имаат по десетина странци во просек, а ние имаме само еден странски играч и бевме рамноправни со клубови кои многу вложуваат. Затоа бараме разбирање и поддршка“, рече Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести