Македонската машка ракометна репрезентација ги одработува завршните подготовки во Скопје, пред преселбата во Швајцарија, каде што ќе ја темпира формата за настапот на Европското првенство кое во јануари ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.
Селекторот Кирил Лазаров истакна дека е задоволен од сработеното досега и најави дека конечниот список за континенталниот шампионат ќе биде дефиниран непосредно пред заминувањето.
Во договор со Ракометната федерација, Македонија ќе располага со 19 ракометари за настапот на ЕП.
„Поради одредени здравствени проблеми кај неколку играчи, нема потреба да брзаме со конечната одлука. Ќе почекаме уште неколку дена и потоа ќе пресечеме. Уште претходно беше договорено во Данска да патуваат 19 ракометари и сметам дека таа бројка е сосема доволна. Задоволен сум од атмосферата и од пристапот на момците. Во Швајцарија ќе одиграме три контролни натпревари кои ќе ни помогнат дополнително да ја кренеме формата, особено кај играчите кои имаат помала минутажа во клубовите“, изјави Лазаров.
Македонскиот селектор нагласи дека нашата репрезентација располага со ограничен избор на ракометари во споредба со останатите учесници на Европското првенство, но верува дека тимскиот дух може да биде клучен фактор.
„Ние сме мала земја и нормално е да немаме широк ростер како големите селекции. Затоа мора да изградиме силен колектив и систем кој ќе функционира. Се трудиме да создадеме хемија и заедништво, бидејќи ваквите турнири не можат да се изнесат со индивидуалци. Играчите се свесни што значи националниот дрес и ако навистина го чувствуваат тоа како чест и гордост, тогаш можеме да очекуваме позитивни работи“, додаде Лазаров.
Тој се осврна и на контролните натпревари во Швајцарија, нагласувајќи дека ќе се работи за сериозни проверки пред стартот на шампионатот.
„Противниците не ги биравме ние, но тоа и не е најважно. Сигурен сум дека ќе имаме квалитетни тестови кои ќе ни покажат каде се наоѓаме во овој момент“, заклучи селекторот.
Европското првенство ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари, а Македонија турнирот ќе го отвори со дуел против актуелниот светски шампион, Данска.

