Ракометарите на Алкалоид се на прагот од пласман во полуфиналето на Европскиот куп на ЕХФ, но за тоа ќе биде потребна каква било победа на домашен терен против романскиот претставник Баја Маре. Првиот меч во Романија заврши нерешено, 31-31, а актуелниот освојувач на Купот на Македонија во последните секунди прими гол за израмнување, иако имаше водство.
Во редовите на Алкалоид се претпазливи, но и свесни за големата шанса која ја има клубот.
„Се наоѓаме во еден период каде што ќе се бориме за влез во полуфинале во едно европско натпреварување. Важен меч како за нас така и за македонскиот ракомет и за нашиот спорт воопшто. Ќе влеземе претпазливо во реваншот. Сакам јавно да им честитам на моите играчи за сè што поминаа пред, за време и по мечот. Горд сум на моите момци. Имаме екипа во која 99 отсто се македонски играчи, млади играчи кои успеаја да го издржат притисокот од едно такво гостување како ова во Романија. Играат многу грубо, секој нивен старт беше на раб на исклучување, а имаа само две исклучувања по две минути. Очекувам поддршка од македонската јавност да се обидеме да стигнеме до полуфиналето. Очекувам пргав, валкан натпревар. Тие се максимално фокусирани на овој меч, дури го одложија мечот од првенството за да бидат целосно фокусирани за мечот против нас. Се надевам дека моите играчи ќе ја сфатат сериозноста, па на крајот доволно е да победиме и со макар еден гол“, вели тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.
Слично размислува и кружниот напаѓач на Алкалоид, Марко Стојковиќ.
„Го анализиравме противникот, максимално сме подготвени и со помош на публиката да се обидеме да избориме место во полуфиналето“, додава пикерот на Фармацевтите, Марко Стојковиќ.