Македонската ракометна репрезентација е подготвена за настап на ново големо натпреварување, овојпат Светското првенство во Хрватска. Нашата репрезентација е во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја, а првопласираните три одат во следната фаза.
Непосредно пред стартот на Мундијалот, селекторот Кирил Лазаров во интервју за Македонската радио телевизија зборуваше околу тоа што се случува во националниот состав и какви се плановите не само за овој голем турнир, туку и за иднината. Лазаров неколку пати потенцираше дека мора да се направи добра база, да се работи во младите категории и да се создаде добра иднина.
„Ние во Македонија, не само во спортот бараме, посакуваме брз резултат, но тоа во било која сфера на животот не доаѓа брзо. Дури и да дојде брзо, тоа ќе биде блиц резултат. Подобро е да се направи една база, да бидете константно добри. Нашите очекувања што се однесува за националната селекција се помалку нереални ако се знае со што располагаме. Може да кажам дека сме успешни бидејќи на последното ЕП го направивме тоа што го посакувавме, потоа во баражот против екстра квалитетен ривал успеавме да обезбедиме место на Светско првенство во Хрватска. Мора да се продолжи да се работи. Конкуренцијата станува се подобра. Скандинавскиот стил е се помодерен, шпанскиот истотака, Франција е силна…“, вели Лазаров во интервјуто за МТВ.
Настапот на Мундијалот во Хрватска е 14-то големо натпреварување по ред за Македонија, нешто што го немаме направено во ниту еден друг спорт, посебно ако е тимски. Едноставно јануари е месец на ракометот.
„Тоа е голем резултат. Дури 14 големо натпреварување по ред. Секој јануари се собираме, имаме големи очекувања. Некогаш се разочаруваме, некогаш сме задоволни, сплотени, но најважното е тоа што Макеоднија во јануари секогаш е на големо натпреварување. Децата гледаат ракомет, иднината на младите е во спортот, создаваат идоли. Тоа е многу значајно“, потенцира селекторот Лазаров.
И како играч, но и како селектор Лазаров секогаш имал победнички менталитет, но тој е и реален дека мора да се гледа со каков квалитет располагаме во однос на другите селекции.
„Јас како единка сум многу поамбициозен, од тоа дека сме се пласирале на завршница, но знаете како, за да направите квалитетна торта треба да имате добар материјал. Ако немате добар материјал ќе направите торта каква што можете да направите“,. за поголеми резултати потребно е да имаме повеќе материјал. На тоа и работиме, да создаваме повеќе македонски играчи. Треба да се работи од најмладите категории“, вели Лазаров, кој потенцираше дека никако не смее да се дозволи во ракометот да се направи како во кошарката кога еднаш имавме блескав момент и полуфинале на ЕП, но потоа оваа национална селекција едноставно „се изгуби“ и не е дел од големи натпреварувања.
„Кошаркарите направија резултат во 2012 година играа во полуфинале, но каде се сега? Ако не работиме со младите… е Сега што да одбереме, резултат на СП каде што ќе се израдуваме сите, ќе си честитаме и после да не нема во наредни 10 години или да бидеме константни? Поставувам едно прашање, што ние да одбереме? Мораме да бидеме реални, мора да имаме насока, да имаме стратегија, трпение. Да даваме шанси на наши македонски играчи. “, рече Лазаров во дел од интервјуто напосредно пред почетокот на СП во Хрватска.
Македонија на 15 јануари ќе стартува против Унгарија, потоа следен ривал е Холандија, а во третото коло ќе игра против Гвинеја.