Македонската ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир во пресрет на Европското првенство кое следниот месец ќе се игра во Германија. Со настапот на овој континентален собир, ракометната репрезентација го продолжува континуитетот за настап на големи натпреварувања.
Селекторот Кирил Лазаров знае дека ќе биде тешко, дека ривалите се опасни, но и дека Македонија нема да се предаде предвреме против никого.
„По менувањето на нашата генерација, најважно беше да не се изгуби континуитетот за настап на големите натпреварувања што го имаме од 2012 година. Ние сме спорт број еден во државата. По менувањето на форматот на Европското првенство, не може да се очекува да имаме лесни противници. Порано од четири селекции во група, три одеа понатаму, а сега само две одат понатаму. Немавме среќа во ждрепката, ги добивме Франција и домаќинот Германија кои се големи фаворити за висок пласаман. Тука е и Швајцарија, која има деветмина играчи кои се дел од Бундеслигата“, вели Лазаров на првиот собир на овие подготовки.

Вкупно 17 од повиканите 19 ракометари се јавија на првата прозивка. Единствено интернационалците од Португалија, Филип Талески и голманот Николче Митрески ќе се приклучат подоцна. Националниот тим утре патува во Србија, каде што ќе се одработи дел од подготовките.
„Ние сме една млада, добра полетна репрезентација и јас како селектор сум задоволен што можам да тренирам талентирани играчи. Ќе се подготвиме максимално иако немаме многу време за подоготовки. Ќе бидат кратки интензивни подготовки и се надевам дека ќе се претставиме во најдобро светло. Повикани се 19-мина играчи, од кои денеска пристигнаа 17. Утре заминуваме во Србија, за Стара Пазова, каде што ќе имаме одлични услови за тренинг. На 23 ќе ни се приклучи Талевски, којшто уште има клупски обврски со Бенфика, додека Николче Митревски од Порто ќе се приклучи на 25. Сите останати играчи се од македонската лига. Задоволен сум од тоа како одигравме против Грција, селекција која исто така ќе биде дел од ЕП“, резимира селекторот.
Во врвната играча кариера Лазаров направи многу неверојатни постигнувања, па тој се надева дека тој негов победнички дух ќе го наметне и на младите ракометари, кои сега се под негова палка.
„Ќе имаме тешка задача, но нема да се предадеме. Верувам дека момците со гордост ќе го носат македонскиот дрес. Јас сум амбициозен човек и верувам во невозможно, иако во овој момент не е реално да се размислува за такво нешто. Ветувам дека нема да се предадеме. Прво ќе се фокусираме на мечот со Франција, потоа имаме четири дена одмор за да се подготвиме за дуелот со Германија, а на крајот и за средбата против Швајцарија. Нема да одиме со бело знаме“, заврши Лазаров на стартот од подготовките за ЕП 2024 година.