Селекторот Кирил Лазаров е задоволен од покажаното на Македонија по трите меча во групата, но постои мало разочарување затоа што можевме против Романија да победивме поубедливо.
„Задоволен сум, сепак победивме. Кога ќе сумираме сѐ, треба да бидеме задоволни што направивме во овие три меча против цврсти, силни репрезентации. Малку ми е жал затоа што почнавме многу добро. Требаше да имаме малку поголема концентрација, фокус, верба, а ние како да се изненадивме дека уште во првото полувреме може да водиме 7-8 разлика. Романците беа немоќни, ама ние промашувавме од зицер позиции. Мислевме дека во второто полувреме ќе бидеме подобри, но имавме проблем во нападот. Нивниот голман беше најдобар на теренот“, вели Лазаров.
За шансите да одиме во главната фаза, селекторот знае дека тоа е невозможна мисија.
„Надежта последна умира, ќе чекаме, но ова е невозможна мисија. Малку ми е жал што не победивме со 4-5 разлика. Честито за момците, немам никави замерки. сакавме да бидеме во топ 12, мислам дека заслуживме. Сепак, ако некој ми понудеше победа и реми од трите меча во групата, искрено ќе прифатев, но секако дека ќе сакав повеќе. Ќе навиваме за Данска“, додаде Лазаров веднаш по победата над Романија.

