Леброн блесна со „трипл-дабл“, конечно радост и во „Стејплс центарот“ (Видео)

Леброн Џејмс одигра одличен меч и беше најзаслужен за победата на Лос Анџелес лејкерс против Денвер од 121:114. Ова беше прв триумф на Лејкерс на домашен терен сезонава, а воедно и прв пораз на Денвер, кој отвори со четири победи во низа.

Џејмс мечот го заврши со „трипл-дабл“ со 28 поени и по 11 скока и асистенции. Ова е прво вакво остварување за него во новиот клуб, а вкупно 74-то во кариерата. За прв пат сезонава во првиот ред на трибините во „Стејплс центарот“ беше и Коби Брајант, кој, секако, беше дополнителна мотивација за домашните кошаркари да победат.

Денвер водеше во поголемиот дел од мечот, а на шест минути до крајот, гостите имаа осум поени предност. Сепак, домаќините не се предадоа и со серија од 15:2 на крајот успеаја да донесат радост за фановите во арената. Лејкерс по стартните 0:3, сега триумфираат по втор пат за три дена. Кај гостите најефикасен беше Никола Јокиќ со 24 поени, а Џемал Мари додаде 22.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Детроит – Кливленд 110:103, Орландо – Портланд 114:128, Оклахома – Бостон 95:101.

 

- Оглас -

Најнови вести