Леброн Џејмс го помина Мајкл Џордан на вечната листа на стрелците

Леброн Џејмс испиша уште еден индивидуален момент за памтење откако утрово на мечот против Денвер го надмина легендарниот Мајкл Џордан по бројот на постигнати поени во кариерата. Џордан беше на четвртото место на вечната листа на стрелците во НБА со 32.292 поени, а на Џејмс му беа потребни 13 поени за да го надмине Летачкиот Мајк. Уште во втората четвртина Џејмс имаше 15 поени, што значи дека успеа да го надмине Џордан.

Леброн сега пред себе има само тројца играчи во историјата кои имаат постигнато повеќе поени од него. Некогашната легенда на Лос Анџелес лејкерс Карим Абдул Џабар е прв на листата со 38.387 поени, а потоа се Карл Мелоун со 36.928 и Коби Брајант со 33.643 поени.

На мечот против Денвер, Џејмс стигна и до 10-тото место по бројот на асистенции во историјата. Тој има 8.577 додавања во досегашната 16-годишна кариера. Колку за споредба, Мајкл Џордан за 15 години играње имаше 5.633 асистенции.

И покрај одличните рекорди поставени на дуелот против Денвер, Џејмс на крајот си замина со наведната глава, бидејќи Лејкерс на свој терен загуби со 99:115. Ова е четврти пораз по ред за Лејкерс и тимот е сè подалеку од трката за влез во плејофот.

Резултати: Шарлот – Мајами 84:91, Детроит – Минесота 131:114, Вашингтон – Далас 132:123, Атланта – Сан Антонио 104:111, Бруклин – Кливленд 113:107, Чикаго – Филаделфија 108:107, Њу Орлеанс – Јута 104:114, Феникс – – Њујорк 107:96, Сакраменто – Бостон 109:111, ЛА лејкерс – Денвер 99:115.

- Оглас -

Најнови вести