Поранешниот легендарен германски репрезентативец и ексдиректор на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге, во интервју за „Кориере дело спорт“ ги критикуваше англиските премиерлигаши бидејќи трошат огромни суми пари за трансфери и за плати.
„Во минатото Италија имаше најсилна лига, а денеска само Премиер лигата е „жива“. Англичаните трошат огромни суми пари на неинтелигинтен и ирационален начин, додека останатите земји се обидуваат да функционираат и покрај финансиските проблеми и скандали, а и покрај тоа освојуваат европски трофеи. Тоа значи дека Англичаните прават луди грешки, нивниот пазар е надвор од контрола“, изјави Румените.
Германецот не ги поштеди ниту шпанските екипи откако минатата недела изби аферата „Барсагејт“.
Со аферата беше откриено дека каталонскиот тим плаќал милионски суми на компанијата чиј сопственик е Хозе Енрике Негреиро, шпански судија и поранешен потпретседател на техничката комисија на Ла Лига задолжена за судиите.
„Верувајте ми дека се смеев кога ја читав оваа вест. Но, тоа воопшто не ме чуди бидејќи секојпат кога игравме во Шпанија, имав чудно чувство“, додава Румениге.