Роби Фаулер, поранешниот напаѓач на Ливерпул, во Австралија ја започнува тренерската кариера откако денес и официјално беше претставен за нов предводник на Бризбејн роар. Фаулер потпиша двегодишен договор, а со работа ќе започне со стартот на сезоната 2019/20.
Австралискиот фудбал не е непознат за Фаулер. Во залезот на фудбалската кариера настапуваше за две екипи од А-лигата, Норт Квинсленд фјури и Перт глори, а сега токму во Земјата на Кенгурите ќе ја започне тренерската авантура.
Во изминативе седум години тој го изучуваше занаетот во академијата на Ливерпул, а сега е подготвен на големиот предизвик и верува дека е вистинскиот човек за работата во Бризбејн.
„Напорно работев за лиценцата, сега сакам да се докажам во мојот прв голем предизвик. Иако немам искуство, долго време се занимавам со фудбал и сметам дека можам да ги оправдам очекувањата“, истакна Фаулер на прес-конференцијата.
Бризбејн роар на едно коло до крајот од регуларниот дел од сезоната се наоѓа на претпоследното, деветто место на табелата, само со 18 бода и четири победи од вкупно 26 натпревари.