Легендарниот Ериксон имаше последна желба пред смртта, а властите од родниот град нема да му ја исполнат

На легендарниот шведски фудбалски стручњак Свен-Јоран Ериксон нема да му биде остварена последната желба пред смртта, објавена во интервју и проштална порака неколку дена пред да почине. Поранешниот шведски тренер почина минатиот месец по долга борба со рак на панкреасот.


Во јануари соопшти дека му останува најмногу уште една година живот, а докторите беа во право бидејќи нѐ напушти во август.

Во својата проштална порака, објавена неколку дена пред смртта, Ериксон ја откри својата последна желба: неговата пепел да биде расфрлана во езерото Фрукен, каде што најмногу уживал во слободните моменти од животот.

„Тоа е прекрасно место, ме смирува. Мојот татко порасна тука, под планината. Ако погледнете право напред, тука е Торсби, каде што пораснав, а во другиот правец е Суне, каде што сум роден“, изјавил Ериксон споделувајќи ја својата желба.

„Отсекогаш мислев дека тоа е одлично место за вечен мир. Тука може мојата пепел да се фрли во водата, се чувствувам како дома“, порача Ериксон во документарецот на „Амазон“.

Но, семејството беше разочарано кога властите го одбија ова барање. Неговиот менаџер, Бо Густавсон, соопшти дека властите не дозволиле пепелта да биде расфрлана во езерото, па ќе биде закопана во урна на непозната локација.

Ериксон ја започна својата тренерска кариера во 1977 година, во шведскиот Дегерфорс, а на врвот на кариерата успешно ги водеше Гетеборг, Рома, Бенфика и Лацио, со коишто освои осум трофеи, вклучувајќи ја и титулата шампион по 26 години чекање. Поради тоа, навивачите на римскиот клуб го сметаат за клупска легенда.

- Оглас -

Најнови вести