Речиси по 20 години активна фудбалска кариера, Серхио Бускетс реши дека е доста. Ветеранот заминува во пензија, и тоа на крајот од сезоната во МЛС шампионатот, кој завршува за неколку недели.
Бускетс од 2023 година се пресели во Интер Мајами за повторно да биде заедно со Лионел Меси, Жорди Алба, а подоцна и со Луис Суарес, со кои „газеа“ додека играа заедно во Барселона. Бускетс преку видеоспот објави дека кажува збогум на професионалното играње.
„Здраво на сите. Чувствувам дека дојде време да ставам крај на мојата професионална фудбалска кариера. Речиси 20 години уживав во оваа неверојатна приказна, за која секогаш сум сонувал“, рече во дел од своето излагање Бускетс.
Sergio Busquets announces he will retire at the end of the 2025 MLS season
byu/A_Kind_Shark insoccer
Во кариерата, Бускетс играше само за два клуба, за Барселона и за Интер Мајами. Во дресот на каталонскиот гигант одигра повеќе од 700 натпревари и стана вистинска легенда на клубот. Ги освои сите најзначајни трофеи, и тоа по неколку пати.
Во дресот на шпанската репрезентација Бускетс одигра 143 меча, а се радуваше на светската титула од Мундијалот во 2010 година, како и на европскиот трофеј од првенството во 2012 година. Постигна само два гола во дресот на Црвената фурија, а еден беше против Македонија, и тоа на 8 септември 2014 година, во победата на свој терен со 5:1.