Во последните неколку дена, во шпанскиот фудбал актуелно е обвинението на Барселона за корупција. Судот во каталонската престолнина навел дека Барселона е обвинета за корупција, нарушување на довербата и лажни деловни книги, а обвинети се и поранешните функционери на клубот, меѓу кои се и некогашните претседатели, Хосеп Марија Бартомеу и Сандро Росел, како и Хозе Марија Енрикез Негреира, кој е поранешен потпретседател на шпанскиот судиски комитет.
Околу целата оваа ситуација, свое видување има и еден од најдобрите судии во Шпанија во изминативе две децении, Итуралде Гонзалес, кој сега е еден од најценетите судиски аналитичари. Гонзалес се смета за човек кој е целосно неутрален во реалцијата Реал Мадрид – Барселона.
„Цели 17 години бев судија во Примера дивисион и одговорно тврдам дека Негреира не можел да влијае на судењето. Тој беше на функцијата потпретседател на судиската комисија која му беше почесно доделена. Поточно, тој не бил на позиција на моќ со која би можел да влијае на судиските одлуки. Тоа е речиси невозможно, затоа што нема допирна точка со судиите“, објаснува Итуралде Гонзалес, кој потоа додаде дека не е чудно зашто мадридските медиуми и навивачи се најгласни во бунењето, иако во многу ситуации Реал Мадрид бил тој што бил во повластена ситуација.
„Малку ми е смешно дека мадридските медиуми и навивачите од Мадрид ја обвинуваат Барселона за наводно поткупување преку Негреира, додека Ларлос Мегиа Давила работи за Реал. Тој беше судија во Примера до 2009 година, а потоа веднаш доби работа како советник за судење во Реал Мадрид. Денес работи како нивни делегат. Реал Мадрид е познат по заменување на тезите и контрола на медиумите. Своевремено, нивниот официјален канал објави видео снимка на која Клос Гомес ги оштетил, а интересно е дека Клос Гомес многу повеќе ги има оштетено противниците на Реал, но тоа на ТВ каналот на Реал никогаш не било прикажано. На тој начин Кралевите манипулираат со медиумите и ја создаваат сликата што им е потребна“, е ставот на некогашниот одличен судија Итуралде Гонзалес.
Мадридскиот весник Марка дури објави дека Барселона може да биде исфрлена од европските купови за следната сезона поради нарушување на угледот.