Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид ја критикуваше тинејџерската ѕвезда во шпанската репрезентација, Ламин Јамал. Критиките на Гути не се насочени на фудбалски план, туку на тоа што Јамал го прави надвор од теренот.
Според Гути, Јамал бил непристојно облечен кога се појавил на прес-конференцијата за време на Лигата на нации и тоа го смета како непочитување на репрезентацијата. Јамал имаше капче на глава, и тоа свртено наопаку.
„Не можеш да се појавуваш така кога се работи за репрезентацијата или клубот. Во приватниот живот нека носи што сака и колку сака, но не и кога си во дрес на репрезентација или клуб. Наречете ме дека сум старомоден, но мене тие работи не ми се допаѓаат“, рече Гути.
Гути потенцираше дека не е само Јамал виновен, туку и луѓето кои се околу него затоа што тие се оние кои треба да го насочат на вистинско однесување и почит.
„Кога ќе одиш на Ибица, прави што сакаш, но не и на конференција за новинари како шпански репрезентативец. Тоа е реалност и не е негова вина. Вина е на луѓето кои се околу него, кои не му кажуваат што треба да прави“, рече Гути.
Како играч Гути имаше одлична кариера. Цели 15 години настапувапе за Реал Мадрид и има речиси 500 настапи за Кралскиот клуб. Со Реал освои дури 15 трофеи во сите највредни натпреварувања. Има три титули во Лигата на шампионите.