ЛА лејкерс го ангажираше Демаркус Казинс на едногодишен договор. Неодамнешниот центар на вицешампионот Голден стејт вориорс летово стана слободен агент, а ја прифати примамливата понуда повторно да соработува со Ентони Дејвис, но и да биде дел од тимот заедно со Леброн Џејмс со кој во новата сезона ќе атакуваат на титула.
Казинс една сезона ќе заработи 3,5 милиони долари, а деновиве во таборот на Езерџиите се очекува продолжување на соработката со плејмејкерот Ражон Рондо, кој ќе потпише двегодишен договор.
Cousins' one-year deal with the Lakers is $3.5M. https://t.co/nXaFChoG3C
— Adrian Wojnarowski (@wojespn) July 6, 2019
Казинс во сезоната 2017/18 по седум години го напушти Сакраменто и се пресели во Њу Орлеанс. Со Дејвис требаше да градат моќен тим, но повредите го спречија да го пружи најдоброто за Пеликанс. Минатата сезона го облече дресот на Голден стејт, а поради тешка повреда дури во јануари годинава дебитираше за Воините. Казинс запиша 30 натпревари за Вориорс во кои бележеше просек од 16,3 поени и 8,2 скока по натпревар.
Инаку, Лејкерс во својот ростер вчера додадоа уште двајца играчи. Потпиша Дени Грин, а Џавал Мекги се согласи да остане во „Стејплс центарот“.