Леброн Џејмс по долго време не е учесник во плејофот, а дрим-тимот на Лос Анџелес лејкерс го смени тренерот Френк Вогел по катастрофалната сезона и сега бара ново решение, што ќе го врати славниот клуб на победнички патеки.
Лејкерс побараа дозвола од шампионот Милвоки бакс да преговараат за тренерската позиција со Дарвин Хам, поранешен НБА кошаркар, кој сега е во улога на асистент на Мајк Буденхолцер во стручниот штаб на Елените.
Хам има солидна десетгодишна НБА кариера како играч на Денвер, Индијана, Вашингтон, Милвоки, Атланта и Детроит, а веќе девет години му е помошник на Буденхолцер во два клуба, во Атланта и во Милвоки.
Сега е главен кандидат за нов тренер на Лејкерс и ако успеат преговорите тој ќе ги предводи големите ѕвезди Џејмс, Дејвис, Вестбрук во обидот да се вратат на победнички патеки по неуспехот сезонава.
Ако дојде до договор Хам за првпат самостојно ќе биде тренер на тим во НБА лигата, а интересно е дека две сезони, од 2011 до 2013 година беше асистент тренер токму во таборот на Лејкерс.
Објавено е дека е можно нов тренер на тимот од Лос Анџелес да биде и Квин Снајдер, ако добие отказ во Јута џез по испаѓањето во првото коло во плејофот.