Лос Анџелес лејкерс со свој сезонски рекорд од 22 погодени тројки славеше на гости кај Оклахома сити со 126-99, што за Тандер, кој е најуспешен тим во НБА-лигата и лидер на Западот, е најтежок пораз сезонава.
Лука Дончиќ со 30 поени, од кои 22 во првото полувреме, беше предводник на Езерџиите, кои се трети на Западот, а големи се шансите таму и да останат на крајот на регуларната сезона, иако математиките велат дека теоретски може да бидат и втори, но и шести. Лејкерс погоди 15 тројки во првото полувреме, што е изедначување на клупскиот рекорд.
Ноќ за заборав имаше Стеф Кари, кој против Хјустон уфрли само три поени, па Голден стејт беше поразен од второпласираниот тим на Западот со 96-106. Кари погоди само една тројка од осум обиди, а вкупно шутот од поле му беше катастрофални 1/10.
Никола Јокиќ прикажа одлична игра, имаше трипл-дабл од 41 поен, 15 скока и 13 асистенции, но неговиот Денвер го претрпе и четвртиот пораз по ред, загубија од Индијана со 120-125. Пејсерс има 4 победи по ред. До 50-тата победа сезонава дојде Њујорк никс, кој со 112-98 ги раздува своите фанови на мечот против Феникс.