Лејсон Зеќири смета дека ние сме фаворити во дуелот со селекцијата на Азербејџан, закажан за утрeвечер, од 19 часот, кој ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, но и наредниот, кој го играме на гостински терен во Даблин, против репрезентацијата на Ирска.
„Очекувањата за мечевите со Азербејџан и Ирска се да победиме. Ние сме фаворити, го имаме и домашниот терен на првата средба, но мора да бидеме и доста внимателни, затоа што мало опуштање може да ги однесе натпреварите во поинаков тек“, вели Зеќири.
Смета дека во овој квалификациски „прозорец“ нашата селекција може да стигне до првото место, она кое води во следната фаза. Особено што имаме доста поискусен ростер во однос на претходниот:
„Со враќањето на искусните играчи, како Војдан Стојановски, и ние можеме да напредуваме и да учиме од нив. Да собираме искуство како да одиграме меч, како да завршиме или да привршиме меч. Верувам дека ако сите ги исполниме задачите на селекторот, можеме до првото место“, смета високото крило во нашиот национален тим пред стартот на претквалификациите за Европското првенство.

