Поранешниот голман на Борусија Дортмунд и Арсенал, Јенс Леман, со нетрпение го чека дуелот од Лигата на шампионите помеѓу Топџиите и Баерн Минхен. Двата тима се лидери во своите лиги, а во Лига на шампиони имаат перфектни четири победи во досегашните четири меча. В среда ќе играат меѓусебе на дуел во Лондон.
„Двата најдобри тима во светот ќе се соочат еден со друг. Двата тима играат на највисоко ниво во моментов. Ќе бидам на стадионот. Ќе ми биде интересно да видам како ќе се претстават двата тима во различни моменти од натпреварот. Очекувам многу динамичен меч. Баерн одигра одлично на гости во Париз и го победи ПСЖ. Но, ако сакаат да играат на ист начин во среда, Арсенал ќе игра малку поинаку. Тоа ќе биде интересно. Арсенал има мала предност затоа што е домаќин. Луис Дијаз кој постигна два гола за Баерн во победата над ПСЖ, сега нема да игра и тоа е хендикеп за гостите“, рече поранешниот германски репрезентативец.
Леман како голман имаше многу мечеви против Баерн и многу добро ја знае силата на најтрофејниот германски клуб.
„Многу играчи на Баерн можат да постигнуваат голови, тоа е нивната сила. Мислам дека Хари Кејн има иста почит кон дефанзивците на Арсенал како што тие имаат кон него. Но, Арсенал ја има најдобрата одбрана во светот во моментов. Нема да им биде лесно да постигнуваат голови“, анализираше Леман.

