Лионел Меси во кариерата има работено со голем број квалитетни тренери, но нема дилема кој е најдобар. Не само за тренер со кого тој соработувал, туку според Меси, Пеп Гвардиола е најдобриот тренер во историјата на фудбалот.
Аргентинскиот виртуоз и Гвардиола имаат соработувано заедно во Барселона и се радуваа на две титули во Лигата на шампионите, како и на три трофеи во шпанското првенство. Под водство на Гвардиола, Меси во 2012 година постави апсолутен светски рекорд и во една календарска година постигна неверојатно 91 гол.
„Пеп Гвардиола е најдобриот тренер во историјата на фудбалот“, без дилема констатираше Меси.
Гвардиола во 2012 година си замина од Барселона и кариерата ја продолжи во Баерн Минхен, а потоа замина во Манчестер сити, каде што работи веќе десет сезони.
Во исчекување да се извлечат групите за Светското првенство кое следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико, а Меси вели дека покрај неговата Аргентина, има неколку селекции кои се меѓу фаворитите.
„Има многу силни репрезентации. Тука се Шпанија, Англија, Франција, Германија, Бразил…“, додава Меси.

