Кога Барселона игра важен меч, веќе се навикнавме Лионел Меси да биде главен. Аргентинецот со два гола го предводеше тимот до победа од 3-0 против Ливерпул, во првиот меч од полуфиналето од Лигата на шампионите.
Најпрво успеа со топката да влезе во гол, а потоа погоди маестрално од слободен удар од околу 27-28 метри. И покрај убедливата победа, Меси беше умерен во изјавата по мечот.
„Победа од 3-0 е многу добар резултат. Сепак, уште ништо не е готово бидејќи не чека меч на легендарен стадион и ние ќе мора да одиграме најдобро за да се пласираме во финалето. Сепак, задоволни сме од првиот меч. Бевме супериорни во првиот дел, но тие вршеа притисок во второто полувреме. Знаевме дека Ливерпул ќе сака да даде гол, но одлично го издржавме притисокот и на крајот постигнавме уште два погодока. Многу сум среќен што погодив и од слободен удар. Навистина, голот беше прекрасен“, рече Меси, кој стигна и до бројката од 600 погодоци во дресот на Барселона.