Лестер го сруши рекордот во Чемпионшип, сега има нов предизвик

Најголемата сензација во изминативе десетина години во Топ 5 лигите е освојувањето на титулата на екипата на Лестер. Во сезоната 2015/16 Лестер направи сензација и го освои трофејот во Премиер лигата. Овој клуб во своите витрини го донесе и пехарот од ФА купот во 2021 година, а играше и во полуфиналето на Конференциската лига во сезоната 2021/22, а пред неколку месеци изненадувачки испадна од Премиер лигата.

Неуспехот и испаѓањето од елитното англиско фудбалско друштво не влијаеше негативно во Лестер затоа што екипата има план веднаш да се врати во Премиер лигата. По првите 13 одиграни меча во Чемпионшип, Лестер е доминантен и има 12 победи, па е убедлив лидер. Првопласираните две екипи обезбедуваат директен пласман во Премиер лигата за следната сезона, а Лестер веќе има 14 бода повеќе од Лидс, кој е на третото место.

Освоените 36 бода од првите 13 кола се доволни за Лестер да испише рекорд во Чемпионшип како екипа со најдобар старт во историјата. Екипата предводена од италијанскиот тренер Енцо Мареска ги има и најдобриот напад (27 голови) и најдобрата одбрана (само седум примени погодоци).

Доколку продолжи во ист стил, Лестер до крајот на сезоната ќе може да го брка рекордот на Ридинг во сезоната 2005/06, кој на крајот заврши со неверојатни 106 бода. Следниот предизвик на Лестер е утрешното гостување кај Квинс парк ренџерс и е голем фаворит за победа затоа што КПР е во низа од пет порази и моментално е на претпоследната позиција на табелата само со осум освоени бода од 13 средби.

- Оглас -

Најнови вести