Левандовски испишува историја, но Гнабри е денешниот херој на Баерн Минхен

Најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен се намачи за да стигне до првата победа во новата сезона во Бундеслигата. На „Алијанц Арената“, Баерн со 3:2 го победи Келн, а сите пет погодоци беа постигнати во второто полувреме.

Роберт Левандовски ја отвори серијата погодоци во 50 минута. За Левандовски ова беше гол на 15-тиот меч по ред во Бундеслигата и сега е само на еден натпревар од рекордот на Герд Милер. Легендарниот Милер во далечната сезона 1969/70 постигнуваше голови на 16 средби по ред.

По погодокот на Левандовски, следуваше девет минути „затишје“, а потоа за четири минути беа постигнати три гола. Серж Гнабри погоди за 2:0 во 59 минута, но гостите не само што не се предадоа, туку со погодоците во 60 и 62 минута стигнаа до 2:2.

Да не се случи чудо и Баерн да не победи, се погрижи Гнабри со својот втор погодок на овој меч, погодувајќи во 71 минута за 3:2. На крајот, тоа се покажа и како конечен резултат, па Баерн стигна до осмата победа во низа против Келн во Бундеслигата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести