Договорот на Роберт Левандовски и Барселона истекува на крајот на тековнава сезона, а од таборот на актуелниот шампион на Шпанија најавија дека нема да биде продолжен, па останува нејасно дали полскиот репрезентативец ќе бара нова фудбалска средина или ќе се пензионира и ќе остане да живее со семејството во главниот град на Каталонија.
Сепак, сега работите се сменија. Американските медиуми пренесуваат дека во Мајами веќе започнале да бараат адекватно сместување за Левандовски, а тоа може да значи само дека од следната сезона ќе биде соиграч со Лионел Меси во Интер Мајами.
Аргентинецот со Интер Мајами ја освои шампионската титула во МЛС-лигата, па косопственикот Дејвид Бекам е во потрага по засилувања за следната сезона, со кои би ја одбраниле титулата, а една од најголемите желби е токму Роберт Левандовски.

