Еден од најдобрите напаѓачи на светот, Полјакот Роберт Левандовски, изјави дека почнал да учи француски јазик, но не затоа што се подготвува за трансфер во ПСЖ или друг француски тим, туку за да се разбере со некои од соиграчите во Баерн Минхен.
Искусниот 30-годишен голгетер пет години е во баварскиот гигант и често го поврзуваат со трансфери во други големи европски клубови. Сепак, иако летово ќе има реконструкција на тимот, Левандовски нема да си замине.
Меѓу засилувањата на Баерн се француските бекови Лукас Ернандес и Бенжамин Павард, кои заедно со Корентен Толисо и Кингсли Коман, ќе формираат француска мини-колонија во Баерн, па затоа Левандовски на шега кажа оти ќе треба да учи француски.
„Сега имаме тројца Французи, догодина ќе имаме уште повеќе. Порано имавме Шпанци, сега Французи. Се чини ќе треба да учам француски, хахаха. Во минатото имав понуди од Франција, но глупости се пишувањата дека мојата сопруга не сакала да се преселиме таму. Ништо поглупаво не сум слушнал од тоа. Други фактори пресудија за одлуката“ – вели Левандовски.