Личи ли ова на Реал? Шест порази, реми и една победа

Дефинитивно нешто не е како што треба во најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид. Кралевите синоќа загубија од Тотенхем со 1:0 на Ауди купот. Единствениот гол го даде Хари Кејн, и тоа по катастрофална грешка и недоразбирање помеѓу Марсело и капитенот Серхио Рамос. Тоа се двајца меѓу најискусните играчи на Реал, но дозволија да му подарат гол на Тотенхем, со кој англискиот тим победи.

„Не можам да бидам задоволен од поразот, но во сите аспекти бевме подобри од претходните мечеви. Мора да мислиме позитивно и да се фокусираме да играме подобро на следните средби. Знам дека е комплицирана ситуацијата бидејќи сезоната ја започнавме лошо, но имаме одличен тим. Мора да бидеме оптимисти. Тоа што сега ни треба е победа“, рече Зидан.

Ако се гледаат резултатите од крајот на минатата сезона и претсезонските дуели во новата сезона, Реал има очаен биланс во последните три месеци. Само една победа, едно реми и пораз на шест средби. Рајо Вајекано (1:0), Сосиедад (3:1) и Бетис (2:0) го победуваа Реал во финишот на ланската сезона, а радоста беше само против Вилјареал (3:2).

Во претсезонските дуели од новата сезона, Реал губеше од Баерн (3:1), Атлетико Мадрид (7:3) и вчера од Тотенхем (1:0). Против Арсенал одигра 2:2 во регуларните 90 минути, а подоцна победи на пенали. Овој биланс едноставно е преслаб за најтрофејниот клуб во Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести