Личи ли ова на шампион? Ферстапен одби да му помогне на тимскиот колега (Видео)

Актуелниот првак во Формула 1 шампионатот, Макс Ферстапен, се најде на удар на критики по синоќешната трка во Бразил. Возачите на Ред Бул имаа слаба трка, а на крајот во центарот на вниманието беше одлуката на Ферстапен да не му помогне на својот тимски колега Серхио Перес да освои што е можно повеќе поени. Ферстапен е сигурно шампион, а Перес се бори да биде втор во генералниот пласман, а Холанѓанецот јавно рече дека нема да му помогне на тимскиот колега.

Пред крајот на трката, од тимот на Ред Бул побараа Ферстапен да го пропушти Перес да стигне до шестото место за да освои плус поени, но сите беа изненадени од одлуката на актуелниот првак.

„Уште минатото лето ви реков тоа веќе да не го барате од мене. Дали ви е јасно? Дадов свои причини за тоа и стојам зад нив“, рече Ферстапен преку тимското радио одбивајќи да ја послуша тимската наредба.

Перес, кој во изминативе две сезони многупати му помагаше на Ферстапен да стигне до повеќе поени и има голема заслуга за неговите две шампионски титули, беше видно разочаран.

„По ѓаволите. Ви благодарам момци. Ви благодарам. Тој го покажа своето вистинско лице“, разочарано рече Перес преку тимското радио кога слушна дека Ферстапен нема да го пропушти.

По одлуката на Ферстапен да не му дозволи на тимскиот колега да го помине, Перес го загуби второто место во генералниот пласман. Леклер има 290 бодови, исто колку Перес, но возачот на Ферари моментално е втор. Тоа значи дека на последната трка во Абу Даби, Мексиканецот ќе мора да заврши пред Леклер за да биде втор на крајот од шампионатот.

Инаку на вчерашната трка во Бразил победи Џорџ Расел, за кого ова беше историска прва победа во Ф1 првенството.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести