Линекер го нападна Артета: „Неговите тренинзи се бизарни“

Еден од најголемите англиски напаѓачи во историјата, легендарниот Гери Линекер, е последниот во низата што го критикува шпанскиот стручњак на клупата на Арсенал, Микел Артета.

Арсенал, иако водечки, се наоѓа во реална опасност на крајот од сезоната да остане без долгоочекуваната титула во Англија.

Иако имаат предност од шест бода, но и натпревар повеќе во однос на Манчестер сити, притисокот е огромен, а Линекер смета дека Артета не знае како да се справи со него.

Конкретно, на поранешниот голгетер му пречи начинот на работа на шпанскиот тренер и барањата што им ги поставува на играчите за време на тренинзите.

На пример, пред натпреварот со Спортинг во четвртфиналето на Лигата на шампионите, фудбалерите на Арсенал работеле на подобрување на концентрацијата така што во група со главите ја држеле топката да не падне, а потоа и хемиски пенкала.

„Се осмелувам да кажам дека методите на тренинг на Артета се на граница на бизарно. Граничат со смешно. Тоа со пенкалата, па прикажување видеа од ТикТок на огромни екрани за време на тренинг. Ако сакаат да се натпреваруваат, потребно е само да бидат смирени. Ако веќе правите нешто поинакво, тогаш правете го тоа во тајност, погрижете се никој да не ве снима. Тоа би бил мој искрен совет. Верувам дека притисокот е голем – ако победуваат, никој ништо не би им рекол, но проблемот е ако привлекуваат внимание, а потоа не победуваат. Со тоа покажуваат дека потклекнуваат под притисок“, изјави Линекер во поткастот „Рест ис фудбал“.

Арсенал утре во Лондон против Спортинг го брани водството од 1:0 од Лисабон, а потоа ги очекува големо дерби и можеби клучен натпревар за сезоната – гостување кај Манчестер сити во недела од 17:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести