Кога Шпанија со повеќе жртви од Ковид-19 од Франција може да најде решение и повторно да се игра фудбал, јасно е колку е идиотска одлуката предвреме да заврши Лига 1, вели Жан-Мишел Ола, претседателот на Лион.
Популарните Лавови од Жерлан извисија со одлуката француското првенство предвреме да биде прекинато и како седмопласиран тим до пандемијата со Коронавирус нема да играат во европските купови. Сепак не се откажуваат и се надеваат дека и по судски пат ќе докажат дека се во право, за да ја продолжат низата од 25 години едноподруго настапи во еврокуповите.
„Се чувствуваме глупаво поради туѓи грешки и избрзани чекори. Па можевме барем да почекаме. Во земја на светски прваци да нема фудбал цели шест месеци е просто неверојатно. Франција прва се откажа од лигата и ќе биде и единствената од Топ-5 земјите во Европа каде нема да заврши сезоната на регуларен начин, фудбалски на терен. Тоа е срам за целата нација“, вели Ола.
Лион не знае ниту дали ќе се игра финалето на Лига купот против Пари Сен Жермен. Во ваква ситуација без натпревари Лавовите ќе бидат хендикепирани за реванш осминафиналето против Јувентус во Торино, што ќе се игра на 7. август.
Новата сезона во Франција треба да почне на 22. август и за поголемиот дел од клубовите паузата ќе биде многу долга, речиси половина година.