Лионел Меси доби признание од навивачите на Барселона и од каталонскиот портал „Спорт“, кое му беше врачено лично од директорот во Мајами бидејќи Аргентинецот има густ распоред и не можеше да отпатува во Барселона. На Меси му покажаа и видео од навивачите, кое го изгледа со многу емоции.
„Вистина е, поминавме толку многу заедно, и добро и не толку добро. Нормално е во кариерата долга неколку години да не биде сè убаво и да се помине низ тешки моменти. Но добро, тоа е мојот дом, моето место, моите луѓе. Би сакал целата кариера да ја минев таму, а не морав да одам во други клубови. И да играв само таму, во Европа“, рече Меси.
Аргентинецот се потсети и на проблемите кои ги имаше во Барселона и болната разделба со клубот.
„За жал, работите се одвиваа на друг начин, но засекогаш ќе остане сеќавањето на сите моменти кои ги минавме заедно. Благодарен сум ви за ова. Долго не сум бил во Барселона, не сум на стадион. Морав да си заминам без навивачите поради пандемијата, тоа беше апатична година. Многу убави спомени, многу ви благодарам на сите во Барселона. И јас имам посебна наклонетост кон вас“, додаде Аргентинецот.
Лионел Меси најави дека еден ден повторно ќе се врати во Барселона и таму ќе живее со своето семејство.
„Ќе се вратам. Ќе бидам присутен на стадион како уште еден навивач, ќе ги следам екипата и клубот. Засега ќе бидам тука уште неколку години, но ќе се вратиме во Барселона бидејќи тоа е моето место, мојот дом. Многу ни недостига Барселона, ќе се вратиме таму“, рече Меси.

