Германија и Литванија го одиграа најнеизвесниот меч на досегашниот дел од Европското првенство во кошарка, а на крајот, по дури две продолженија се радуваше Германија. Во регуларниот дел мечот заврши 89:89, а Германците промашија шут за победа.
Слична беше ситуацијата и во првото продолжение. Панцерите водеа, а Литванија се враќаше од негатива. На крајот, повторно Германија го имаше последниот напад за победа, но повторно не реализираа, па мораше да се игра и второ продолжение.
Во новите пет минути доигрување, Германија водеше со 101:96, потоа и со 103:98 и 109:104, а Литванците стигнаа до 107:109, а на крајот имаа и напад за нерешено, односно победа. Најпрво пробаа да реализираат за два поени, но не успеаа, а по офанзивниот напад, топката повторно дојде до литванските кошаркари кои имаа отворен шут за тројка, но промашија и Германија се радуваше на третата победа. Литванија трет пат загуби и сега се соочува со елиминација по групната фаза.