Ливерпул официјално ја потврди групата од 21 фудбалер за гостувањето кај Пари Сен Жермен во рамки на Лига на шампиони в среда навечер, а главната вест е – Александер Исак се враќа!
Напаѓачот за кого „црвените“ искешираа дури 125 милиони фунти, конечно е фит и тренира со полн интензитет, откако се опорави од тешката повреда на ногата и зглобот, заработена во декември на дуелот со Тотенхем во Премиер лига.
Се очекуваше шведскиот репрезентативец да се врати уште за четвртфиналето од ФА Куп против Манчестер Сити, но на крајот остана надвор од тимот при тешкиот пораз од 0:4. Во Ливерпул проценија дека гостувањето на „Етихад“ е прерано за ризик со него.
Сепак, сигналите се повеќе од позитивни – Исак беше забележан во одлично расположение на тренингот во Керкби, што само ја зголемува надежта дека ќе добие минути во Париз.
Напаѓачот веќе отпатува кон француската престолнина заедно со уште 20 соиграчи и е сериозен кандидат за кам-бек токму на големата сцена.
Во составот се очекува да бидат и Мохамед Салах, Федерико Киеза и Џереми Фримпонг – тројца играчи кои исто така се вратија од повреди и веќе запишаа минути на мечот против Сити.

