Ливерпул ги тресна и Чеканите и испиша историја

Мохамед Салах со гол од пенал и асистенција беше најзаслужен што Ливерпул без проблеми го совлада лондонски Вест хем со 2-0 и отиде на огромен плус од 19 бода во однос на вториот на табелата, Манчестер сити.

Ова беше меч кој првично беше закажан за 21 декември, но не се одигра тогаш поради учеството на Црвените на Светското клупско првенство во Катар.

Голот на Алекс Окслејд-Чемберлен во 52-рата минута ја запечати судбината на Чеканите. Тренерот Дејвид Мојс сега има по 17 порази против Ливерпул и Арсенал и тоа се клубови од кои најчесто губел во кариерата.

По оваа победа, Ливерпул сезонава сите противници во Англија ги победи барем по еднаш. Последен пат сезона со победи против сите ривали клубот имал пред повеќе од 130 години, во сезоната 1885/86 и тоа во втора лига. Во најсилното првенство првпат им успева тоа и испишана е историја.

Ливерпул во моментов има повеќе бодови од Манчестер јунајтед и Тотенхем заедно. Со 70 бода на 14 кола до крајот, Ливерпул е на пат да постави нов рекорд.

Салах со 66 голови за Ливерпул во Премиер лигата откако таа се игра под ова име е петти на вечната клупска листа, зад Роби Фаулер, Стивен Џерард, Мајкл Овен и Луис Суарес. Вечерва Салах го надмина Фернандо Торес.

- Оглас -

Најнови вести