Атомското трио во нападот на Ливерпул, Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино не блеска како во минатата сезона, но тимот од „Енфилд Роуд“ сепак има одлични резултати. „Црвените“ се лидери на табелата во Премир лигата и тоа без ниту еден пораз, а одлично им оди и во Лигата на шампиони, бидејќи ја преживеаа „групата на смртта“ и обезбедија место во осминафиналето.
Како главен фактор за победите на Ливерпул се наведува голманот Алисон Бекер. Бразилскиот чувар на мрежата летоска направи трансфер за неверојатни 72,5 милиони евра од Рома, но зазсега се покажува дека таа огромна инвестиција е правилна.
Според направените анализи на мечевите во досегашниот дел од сезоната, Ливерпул ќе имаше примено дури осум погодоци повеќе, ако на голот не бил Алисон. Голманот имал толку неверојатни одбрани, кои никој друг чувар на мрежата не би успеал да го спаси голот. Последната во низа е одбраната во 91 минута на дуелот против Наполи, кога на неверојатен начин го спречи Милик да израмни на 1:1, а со тоа спречи и елиминација на Ливерпул од ЛШ.
До овој момент Алисон на 22 меа во сите натпреварувања има примено само 12 голови. Кога се работи за дуелите на „Енфилд Роуд“ во Премиер лигата, тогаш е речиси перфектен, бидејќи во седум средби, прими само еден гол. Следниот предизвик за Алисон е големото дерби против Манчестер јунајтед кое се игра утре.