Ливерпул синоќа го елиминираше Арсенал во еден од најневеројатните мечеви во Лига купот на Англија. По 90 минути на „Енфилд Роуд“ резултатот беше 5:5, а домаќините на крајот победија на пенали со 5:4. Интересно е што Арсенал водеше со 3:1, потоа и со 4:2, а во 93-тата минута имаше предност од 5:4, но не победи. Ливерпул даде гол во последната минута и стигна до реми, а потоа и до победа во пенал-рулетот.
Токму оваа победа на Ливерпул му создаде неочекувани проблеми. Следниот меч од Лига купот тимот на Јирген Клоп треба да го одигра на 17 декември, на гости кај Астон вила. Сепак, тоа не е остварливо ако се знае дека во тој период Ливерпул ќе биде во Катар, каде што ќе треба да игра на Светското клупско првенство. Дуелот од полуфиналето на планетарниот собир е на 18 декември.
Клоп се закани дека ако нема промена на терминот во Лига купот, може да се случи Ливерпул воопшто да не се појави на теренот или Арсенал да продолжи понатаму, иако синоќа Топчиите беа елиминирани. Да не се случи такво нешто, Ливерпул и ЕФЛ (Англиската фудбалска лига) веќе започнале преговори за тоа да може англискиот гигант да користи два различни тима, на два различни континенти во речиси идентично време.
Првиот тим на Ливерпул би бил во Катар да се бори за светскиот клупски трон, а младинците би играле на „Вила парк“ во Бирмингам против Астон вила. Досега во историјата на фудбалот не се случило два тима да одиграат два меча на два различни континенти во толку краток период, односно во речиси идентично време.
Распоредот кој го има Ливерпул во декември и почетокот на јануари е неверојатен и за 40-тина дена треба да одигра 12 натпревари.

