Ливерпул пак е прв, а сега ќе треба да навива за Манчестер јунајтед

Ливерпул не попушта во темпото и со 2-0 победи на гости кај Кардиф во меч од 35-тото коло во Премиер лигата. Со овој триумф, Ливерпул повторно е лидер на табелата и сега има 88 бодови, два повеќе од Манчестер сити, кој има и меч помалку.

Кардиф, кој се бори за опстанок, успеа едно полувреме да му парира на фаворитот и беше 0-0 на полувреме. Сепак, во вториот дел, се играше 57-мата минута, кога Вајналдум погоди за голема радост на гостите. Победата на Ливерпул беше потврдена со погодокот на Милнер од пенал во 81-вата минута, по фаулот врз Мохамед Салах.

Интересно е што Ливерпул сега ќе треба да навива за својот најголем ривал, Манчестер јунајтед. Тоа е така затоа што „црвените ѓаволи“ во следното коло ќе играат против градскиот ривал Сити, кој е и единствен противкандидат на Ливерпул во трката за титулата.

Во вториот меч кој се играше во исто време, Арсенал доживеа шок на свој терен и со 2-3 загуби од Кристал палас. По овој пораз, „топчиите“ останаа со 66 бода, еден помалку од Тотенхем на третото место. И Челзи има 66 бода на петата позиција, а Манчестер јунајтед е шести со 64 бодови.

- Оглас -

Најнови вести