Ливерпул ремизираше за крај на сезоната, а Челзи и Њукасл се последните патници во ЛШ (Видео)

На „Енфилд роуд“ се одигра натпревар со силен симболичен шарм, шампионот Ливерпул го пречека освојувачот на ФА купот, Кристал Палас, во дуел што започна со шпалир за новите прваци, а заврши со кревање на шампионскиот трофеј. Пред очите на Јирген Клоп, кој седеше на трибините, Црвените ремизираа 1-1 против екипата на Оливер Гласнер.

Гостите поведоа рано, уште во деветтата минута, кога Исмаила Сар ја искористи грешката на домашната одбрана. Црвениот картон за Гравенберх на стартот од второто полувреме дополнително ги закомпликува работите, но тимот на Арне Слот не се предаде. Мохамед Салах, најдобриот играч и стрелец на сезоната, повторно ја презеде одговорноста и со својот погодок донесе бод за Ливерпул. Натпреварот беше и емотивен, бидејќи беше последен за Трент Александер-Арнолд во дресот на Ливерпул.

Арсенал ја заврши сезоната со победа на теренот на веќе отпишаниот Саутемптон. Киран Турни отвори со гол во 43-тата минута, а иако Рос Стјуарт израмни веднаш по паузата, капитенот Мартин Одегард во судиското надополнување ги обезбеди трите бода за Топчиите и второто место на табелата.

Изненадувачки дебакл доживеа Тотенхем, победникот на Лига Европа, кој дома загуби со убедливи 1-4 од Брајтон. Иако Доминик Соланке донесе водство од пенал во 17-тата минута, второто полувреме беше катастрофално за тимот на Постекоглу. Хишелвуд блесна со два гола, а О’Рајли и Гомез ја комплетираа сензационалната победа на гостите.

Челзи го победи Нотингем Форест со 0-1, со голот на Леви Колвил во 50-тата минута и обезбеди пласман во Лигата на шампионите како четвртопласиран тим на табелата, а Њукасл е последниот патник во елитата, иако загуби на домашен терен од Евертон со 0-1. Стрелец на голот беше Карлос Алкарас во 65-тата минута.

Манчестер јунајтед ја победи Астон Вила со 2-0 и ја спречи во обидот да се пласира во Лигата на шампионите. Емилијано Мартинез доби црвен картон пред крајот на првиот дел, а стрелци на головите беа Амад Дијало и Кристијан Ериксен од пенал во финишот од мечот.

Во другите натпревари, Брентфорд и Вулверхемптон одиграа 1-1 благодарение на головите на Мбеумо и Манетси, Вест хем славеше кај Ипсвич со 1-3, додека Борнмут со два гола во вториот дел го совлада Лестер со 2-0.

На крајот од сезоната, Ливерпул ја круниса доминацијата со титула, а места во Лигата на шампионите обезбедија и Арсенал, Манчестер Сити, Тотенхем, Челзи и Њукасл. Во Лига Европа ќе настапуваат Кристал Палас (како куп-победник) и Астон Вила, додека Нотингем Форест ќе ја претставува Англија во Конференциската лига.

Од елитата испаѓаат Ипсвич, Лестер и Саутемптон. Новите премиерлигаши се Лидс јунајтед, Барнли и Сандерленд. Мохамед Салах ја заврши сезоната не само како лидер на Ливерпул, туку и како најдобар играч и голгетер во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести