Ливерпул до утре ќе преноќи на чело на табелата во Премиер лигата, откако денес го совлада Кардиф со убедливи 4-1. „Црвените“ притиснаа за рано водство кое го донесе Салах во 10-тата минута, а за втор гол мораше да се чека дури до средината на вториот дел.
По неколку обиди Ливерпул конечно успеа пак да ја пробие одбраната на гостите, а Мане ја затресе мрежата во 66-та минута. Мала надеж за Кардиф беше голот на Патерсон во 77-та минута, но фудбалерите на Клоп одлучија да стават крај на сите неизвесности, па Шаќири и Мане ја запечатија победата во 83-та, односно 87-ма минута.
Вотфорд со убедливи 3-0 триумфираше над Хадерсфилд, со идентичен резултат победи и Борнмут на гости кај Фулам, Брајтон со минимални 1-0 беше подобар од Вулверхемптон, додека Саутемптон и Њукасл резимираа без голови, 0-0.
Со 26 бода сега Ливерпул е на првото место во Премиер лигата, најмалку до утре, а второ пласираниот Манчестер сити (23 бода) го очекува тешко гостување во Лондон кај Тотенхем.