Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Дитмар Хаман, ја изненади јавноста со изјава дека Ливерпул би можел да размисли за продажба на напаѓачот Александер Исак на Барселона уште во летото 2026 година. Под знак прашалник е и иднината на „Енфилд“ за Флоријан Вирц, а во период на лоши резултати, повторно се спомeнуваат и можни враќања на клупски легенди, како Јирген Клоп и Стивен Џерард.
Ливерпул во текот на 2025 година ги урна сите рекорди по потрошувачка. По освојувањето на титулата во Премиер лигата, Арне Слот доби огромен буџет за нови засилувања. Најпрво германскиот репрезентативец Флоријан Вирц, со трансферот од Баер Леверкузен стана најскапиот фудбалер во историјата на британскиот фудбал (125 милиони евра), но тој рекорд брзо беше надминат кога Александер Исак пристигна од Њукасл за 145 милиони евра. И покрај високите суми, ниту еден од нив не ги оправда очекувањата во првата половина од сезоната.
Шведскиот напаѓач постигна само два гола на 15 настапи и очигледно се мачи со формата. Хаман смета дека трпението на клубот би можело да биде при крај.
„Не сум сигурен дали Ливерпул ќе продаде некого во јануари, но ако работите не се подобрат за Александер Исак до март или април, веројатно ќе разговараат за негова продажба во клуб како Барселона во текот на летото. Ќе има многу заинтересирани за Исак бидејќи ги покажа своите квалитети во Њукасл. Тоа во голема мера зависи и од формата на Уго Екитике бидејќи ако тој продолжи да се подобрува, на Исак ќе му биде тешко да дојде до минути, освен ако не биде принуден да игра на крилна позиција.“
Слична е ситуацијата и со Вирц, кој сè уште го чека својот прв гол за Ливерпул, а досега запиша само две асистенции. Иако и тој е под закана да биде прогласен за скапо промашување, Хаман верува дека клубот не е под финансиски притисок да го продаде.
„Мислам дека Ливерпул финансиски ќе биде во ред дури и без Лигата на шампионите бидејќи не би потрошиле толку пари ако не можеле да си го дозволат тоа. Ливерпул пред минатото лето не беше голем потрошувач и обично мудро ги вложува средствата. Иднината на играчи како Александер Исак или Флоријан Вирц би можела да се преиспита ако не играат добро и ако клубот не избори пласман во Лигата на шампионите“, заврши Хаман, кој сега е еден од главните аналитичари на Премиер лигата.

