Ливерпул уште со шест победи по ред и титулата ќе ја слави на теренот на големиот ривал

По поразот на Манчестер сити од Тотенхем, Граѓаните сега имаат 22 бода помалку од лидерот Ливерпул, и тоа само по 25 одиграни кола. Ливерпул од далечната 1990 година чека да се израдува на титула во првенството, а повеќе од јасно е дека тоа ќе се случи оваа сезона.

Единствената дилема е кога Ливерпул и официјално ќе ја обебзеди потребната предност за да стигне до титулата. Доколку продолжи во исто темпо, на гигантот од „Енфилд роуд“ му се потребни уште максимум 18 бодови за да стигне до недостижна предност пред Сити и Лестер, дури и ривалите да победуваат на сите мечеви до крајот.

Ако се види распоредот на Ливерпул во следните шест средби, повеќе од реално е Црвените да победуваат. Распоредот вели дека Ливерпул треба да има три гостувања, и тоа кај Норвич, Ватфорд и Евертон, а дома ќе ги пречека Вест хем, Борнмут и Кристал палас. Во сите овие шест меча, Ливерпул е апсолутен фаворит, па доколку ги освои сите 18 бодови, тогаш титулата е во нивни раце, без оглед на резултатите на ривалите. Мечот од 31-вото коло против Кристал палас е закажан за 21 март.

Ако се случи тоа, Ливерпул трофејот може да го прослави на дуел од 32-рото коло, кога екипата на Јирген Клоп ќе гостува кај Манчестер сити. Значи може да се случи новиот првак да биде прогласен на теренот на екипата која уште го има приматот првак на Англија.

Доколку Ливерпул продолжува да победува, а конкурентите Сити и Лестер да киксираат, можно е титулата да биде и уште порано прославена, па дури може да се случи Ливерпул шампионски да помине низ „Гудисон парк“ кај градскиот ривал Евертон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести