Актуелниот англиски шампион Ливерпул покажува сериозен интерес за нигерискиот напаѓач Виктор Осимен, но Наполи останува цврст во ставот – нема попуст за продажба на ѕвездата. Клаузулата за откуп на Осимен изнесува 64 милиони фунти, и не се очекува клубот да отстапи од оваа сума.
Според италијанскиот „Медијасет“, Ливерпул предложил интересна размена во која би биле вклучени Дарвин Нуњес и Федерико Киеза како дел од договорот за трансферот на Осимен.
Сепак, претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, поставил дополнителни услови. Освен Нуњес и Киеза, тој бара и доплата од 17 милиони фунти за да ја одобри зделката.
Наполи одамна го има уругвајскиот репрезентативец Дарвин Нуњес на својата листа на желби како главна летна цел за засилување во нападот, а интерес има и за Киеза. Сепак, јасно е дека само размена на играчи нема да биде доволна за Ливерпул да го добие потписот на Осимен.